 
  Спалети претставен во Торино: Јувентус може да се вклучи во борбата за титулата!
Спалети, кој денеска официјално беше промовиран, нагласи дека неговата цел е највисока можна — титулата шампион на Италија. Јувентус моментално се наоѓа на седмото место во Серија А, со шест бодови помалку од лидерите Рома и Наполи.
„Се надевам дека оваа екипа сè уште може да се вмеша во трката за Скудетото. Играчите ги потсетив дека мораме да целиме највисоко. Од девет одиграни натпревари, остануваат уште 29 — доволно време за промена“, изјави Спалети.
Тој додаде дека не би го прифатил предизвикот доколку не верувал во квалитетот на тимот.
„Да не верував во овој состав и во неговиот потенцијал, немаше да потпишам осуммесечен договор. Успехот зависи од посветеноста, волјата и дисциплината“, нагласи Спалети, потсетувајќи на своите претходни успеси — два куп-пехари со Рома и шампионска круна со Наполи во 2023 година.
Свесен за притисокот што доаѓа со водењето на голем клуб, Спалети истакна дека целта останува пласман во Лигата на шампионите.
„Во Јувентус амбициите се секогаш највисоки. Мораме да ги вратиме работите на свое место, иако и останатите тимови брзо напредуваат“, рече италијанскиот стратег.
Спалети се враќа на клупата пет месеци по разделбата со репрезентацијата на Италија. Со Јувентус потпиша договор до јуни 2026 година, со можност за продолжување уште една сезона, потврди генералниот директор на клубот, Демијен Комоли. Своето деби на клупата Спалети ќе го има веќе утре против Кремонезе. На крајот, тој изрази почит кон својот претходник, Игор Тудор, кој беше отпуштен по седум месеци на функцијата.
„Сигурен сум дека преземам екипа која е ментално подготвена и добро водена“, порача новиот тренер на Јувентус.