Васоски: Добро е што победуваме на мечеви каде можеби не сме на највисоко ниво!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар ја запиша осмата победа и вторпат сезонава го победи соседот Работнички со 2-0 за барем 24 часа да биде осамен на врвот во Првата лига, но и полни со самодоверба црвено-црните да го дочекаат реваншот во Купот против главниот ривал Шкендија во Тетово закажан за во среда.

Вардар победи со два гола на првиот играч во моментов Даниел Аврамовски (седум гола) во последните 14 минути од мечот, иако црвено-црните требаше многу порано да стигнат до триумф особено по добро одиграното прво полувреме во кое повторно реализацијата не беше на ниво.

„Многу добро го одигравме првиот дел, имавме чисти шанси за гол, кои мора да ги реализираме, пред сè тие на Бојан Колевски. Имавме една статива, имавме три-четири ситуации кои 'мирисаа' на гол. Доста добро прво полувреме, по што имавме период од 60-та до 70-та минта со пад, кога не можевме да се најдеме, бевме неорганизирани, игравме некако многу конфузно и тоа што ни требаше беше голот, кој дојде навреме за да не врати во живот. Вардар заслужено победи, зашто имавме повеќе од играта, повеќе шанси за гол и можам да кажам дека е задоволство што победуваме на некои натпревари каде што може(би) не сме на тоа ниво на кое треба, но јас како тренер сум задоволен. Знам дека ќе има и такви мечеви кои се тотална спротивност, кога ќе играме перфектно, а нема да победиме“, вели Александар Васоски, тренерот на Вардар.

Вардар за четири дена ќе се соочи со Шкендија, а по скопските 2-2 во првиот меч, сега ќе мора под Шара да победи или да одигра реми со многу голови, а црвено-црните повеќе од две ипол години немаат триумф на теренот на својот најголем ривал.

„Мала предност е што имаме ден повеќе за одмор во однос на Шкендија. Утре фудбалерите се слободни, од понеделник почнуваме да се подготвуваме за Шкендија и се надевам дека фдбалерите ќе најдат сила за тој меч. Ова е реванш во кој шансите се 50-50, но за жал уште е очигледно дека Жуниор, кој беше наш двигател до повредата, сега сè уште не може да се најде себе си. Плус Матеј Цветановски беше ровит и ние сè уште го немаме најсилниот состав на располагање, ама се надевам дека до Шкендија сите ќе се регабилитираат од повредата. Отсуството на Жуниор момците добро го компензираа во овој период, а сето тоа е оради огромното другарство кое владее во тимот, има една позитивна вибрација и јас само посакувам и се надевам вака да продолжиме. Вардар секогаш е тежина и за тренер и за фудбалерите“, додава Васоски.

Младинскиот репрезентативец до 19 години Џемал Ибиши само што започна со индивидуални тренинзи после скршеницата во стапалото од пред повеќе од еден месец, а Васоски посочи дека се надева дека ќе го има барем за завршницата од полусезоната.