Вардарци од понеделник влегуваат во штрајк!?

Најтрофејниот македонски клуб Вардар останува во безизлезна ситуација со речиси никакви најави дека во последните нешто повеќе од еден месец, ситуацијата со тешката финансиска криза и долговите ќе се решат, па клубот кој веќе од поодамна оди по работ на бездната влегува во критичен период, а поради беспарицата, во најава е нова бура во македонската гордост.

Во година во која Македонија го слави најголемиот фудбалски успех со пласманот на Европското првенство, Вардар е сѐ поблизу до тотален крах, зашто и на некои 40-на дена до крајот на оваа 2020 година, нема ниту најмала најава за некаков „спас“, а на фудбалерите од актуелниот состав полека им доаѓа сѐ преку глава, па од понеделник можен е бунт по кој клубот би останал без тим до крајот на есенскиот дел од сезоната.

Вардар утре ќе го одигра дуелот со Борец во Велес во рамките на 12-то прволигашко коло и тој може да биде последен со оваа скрпена екипа во „пет до 12“ за оваа сезона, зашто фудбалерите немаат видено денар, а веќе подолго време кај нив тлее незадоволство, па нова експлозија тивко се најавува и не се исклучува како опција, играчите повеќе да не тренираат зашто ни тие „ситни“ пари што им беа ветени, управата не може да им ги исполни.

„Секаква опција е отворена, па и вакво нешто (штрајк – н.з.), зашто веќе четири месеци играчите немаат видено денар. Тие имаат фамилии, живеат од тоа и кај нив трпението веќе е крајно истенчено“, вели извор близок до соблекувалната на вардарци.

Тешката беспарица со блокираната сметка од скоро 4 милиони евра од извршители и откажувањето на спонзорството од досегашниот газда Сергеј Самсоненко, го турнаа уште од летоска Вардар да се соочи практично со можен банкрот. Шампионскиот тим се распадна, но црвено-црните успеаја да скрпат екипа за да не избие срам и скандал и да не ја започнат сезоната, со ветувања дека ситните пари редовно ќе се исплаќаат, а од управата со ветување дека Самсоненко до крајот на годинава ќе ги исплати сите долгови како што ветил. Но, засега ниту фудбалерите виделе пари, ниту некаква парцијална и почетна исплата на долговите нема, па стравувањата дека стечајот е близу секако стануваат сѐ поголеми.

„Летоска 'мртов пациент' беше оживеан, ама после декември ако вака остане ситуацијата тешко дека ќе може да се опстане. Ситуацијата е заплеткана, никакви сигнали нема за некој спас на клубот“, додава нашиот извор.

Тренерот на вардарци Александар Васоски неколкупати откако е почната сезоната јавно повикува на спас на клубот, ама засега нема никаква реакција.

„Вардар е оставен како бездомник, оставен да плива во некои нејасни води и никој ништо не презема. Добивме ветувања, ама...“, рече Васоски уште пред еден месец, ама ситуацијата и по месец дена останува на мртва точка.

Директорот на Вардар, Самоил Симев уште на стартот на подготовките пред новата сезона, најави дека Самсоненко ќе ги исполни ветувањата за исплата на сите долгови, со најава дека град Скопје може да се подготвува да го преземе клубот, но такви исплати и скоро четири месеци потоа нема, а блокадата од скоро четири милиони евра останува. Во ситуацијата топката е кај Самсоненко да ги подмири долговите, зашто од град Скопје веќе неколкупати јасно посочија дека без чиста сметка немаат намера да „фрлаат пари“ за клубот, особено сега и во ситуација со општата криза со коронавирусот.

Веќе од поодамна во Вардар се слушаат само приказни дека брзо ќе се среди ситуацијата, но од такво средување нема ништо, освен купиување на време. А, времето полека истекува, нервите се крајно истенчени, а клубот се соочува со тотална пропаст.

Како што тргнала работата, спасот на најтрофејниот македонски клуб Вардар сѐ повеќе (о)станува само сон.