
Вардар слави роденден - победа над Лозана би била идеален подарок!
На денешен ден пред 78 години е формиран Вардар. Оттогаш постепено клубот благодарение на резултатите и големата база на навивачи гради имиџ на најголем македонски спортски бренд.
Низ години Вардар минувал низ различни периоди, светли и темни, во него продефилирале многу македонски фудбалски величини, а резултатите кои тие му ги донеле само ја потврдуваат неговата големина.
Вардар во Југославија има шампионска титула, а го освои и купот во поранешната земја. Беше еден од важните клубови во силната југословенска лига, а по осамостојувањето на Македонија само го потврди статусот на големец.
Црвено-црнитe имаат шест шампионски титули во најдобрата македонска лига, а амбицијата е од наредната сезона по подолго време повторно да се врати на тронот.
По седум години Вардар се врати во Европа, успешно го мина првото квалификациско коло во Конференциската лига, а сега следува вистински предизвик, натпреварите против швајцарска Лозана.
Првиот меч против Лозана е веќе во четврток на Градски во Скопје, мечот е вистинска можност за фановите на Вардар да го наполнат стадионот и да покажат љубов кон клубот, а фудбалерите на крилијата на навивачите да победат и на најдобар можен начин да биде прославен роденденот.