Вардар се враќа на Арената, ама првиот меч ќе го игра во – Маџари

Најтрофејниот македонски клуб Вардар после една година повторно ќе си игра во својот дом, на Националната Арена „Тодор Проески“ во првенството на Македонија, откако црвено-црните со писмо ја известиле ФФМ за својот домашен терен во претстојната сезона.

Но, иако вардарци се враќаат на Арената за своите домашни мечеви, сепак стартот на сезоната против Македонија ЃП нема да го имаат на нашиот најголем стадион, туку повторно ќе мора да бидат домаќини во Маџари на стадионот „Борис Трајковски“.

Причина за ова е што во викендот на 10 и 11 август за кога е закажан стартот на сезоната, Вардар ќе мора да бара алтернативно решение поради европскиот тимски шампионат во атлетика, кој ќе се одржи на Националната Арена.