Вардар револтиран за цените за закуп на „Филип Втори“: Наместо да ни помогнат, тие нѐ бркаат!

Македонскиот шампион Вардар остро реагираше денеска на новиот ценовник на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) на одлуката за трипати да ги зголеми цените за изнајмување на Националната Арена „Филип Втори“, за кое вчерашниот меч со Зенит ги чинеше 40 илјади евра.

Сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, извршниот директор Самоил Симев и спортскиот директор Дарко Панчев заклучија дека ваквиот потег со новата одлука на ЈПССДП, донесена 40 часа пред дебито на црвено-црните на големата сцена ги бркаат клубовите од Арената.

Извршниот директор Самоил Симев потенцира дека за 40 илјади евра, колку што платиле експресно ден пред дуелот со Зенит, Вардар од стадионот не добил – ништо!

„Пред 3,5 години го преземавме Вардар и ветивме дека ќе излеземе во Европа, а паралелно се зголемуваа вложувањата и во инфраструктура и во играчкиот кадар. Трпевме многу удари во изминатиот период, но веќе стана пракса да се напаѓа се што е црвено-црно. Новиот ценовник на ЈПССДП дојде само 40 часа пред мечот со Зенит, а таа одлука за зголемување на цените мислиме дека можеше да биде донесена многу порано. Не на само 40 часа пред меч. Единствено сега што ни преостанува е вака да реагирме за скандалозната одлука. Екипи како Партизан, Ц. Зведа, Хајдук, Динамо во своите земји имаат поддрршка од сите институции, градот, затоа што се промотори на државата, па плаќаат драстично помалку за изнајмување на спортските објкти, иако режиските трошоци двојно поголеми. Ние плативме 40 илјади евра, а добивме еден куп недостатоци. Има недоволен број на вработени на стадионот, инвентарот од претходните мечеви не се наоѓаше на место, па моравме ние дополнително да се ангажираме за стадионот да биде на ниво. Хигиената е посебна приказна, ништо не беше чисто од трибини, подтрибински простор, тоалети... Нема доволно струја и интернет во новинарски дел, дополнително поставувавме вештачката трева за загревање на ден на меч на трошок на Вардар. Билетрата е во крајна очајна состојба. Плаќаме 40 илјади евра, а нема озвучување, па мора ние да најдеме наше. Во прес-салата не се во функција микрофоните. И за крај имате многу слободни влезови каде секој може да си влезе, што од безбедносна точка е најлошо нешто. Ние за претходниот меч плативме 12 илјади евра, а сега 34 илјади плус ДДВ“, вели Симев.

Сопственикот на Вардар на целиот циркус околу изнајмувањето на стадионот посочи два примери, каде градот или државата им излегува во пресрет на спортските клубови, затоа што тие се најдобри промотори и на градот и на државата од каде што доаѓаат

„Јас околу ова, вчера побарав од нашите комшии од Србија да ни кажат колку чини изнајмувањето на стадионите на Ц. Звезда и Партизан, тие се најголеми клубови во Србија, најголеми и во бивша Југославија. Колку плаќаат? Добив информација дека идентичен им е трошокот – 30.000 евра годишно. Плус си го плаќаат трошокот за струја, ако играта под рефлектори, што е плус-минус 500 евра. Побарав и информација од Бриж, во Белгија, земја во Европска унија. Знаете таму има два клуба Бриж и Серкл Бриж. Градот на Бриж му го има доделено стадионот на користење со капацитет од 30.000 гледачи и за него не плаќа ништо, но мора да го одржува. Серкл Бриж пак му плаќа на Бриж за секој меч по 10.000 евра, но тие имаат 24.000 сезонски билети, а билет е 25 до 50 евра, па кога ќе пресметате, нивниот трошок е покриен. Јас сега се надевам дека властите и надлежните нема да ја остават работата на претприетието и се надевам дека ќе преземат мерки и ќе видат дали сето ова сега е корекно. Не е тајна дека имаме потешкотии за работа и проблеми од финансиски дел во спортските колективи, па не ни треба уште и од внатре да ни создаваат дополнителни проблеми“, вели Самсоненко.

Вардаровата легенда Дарко Панчев целиот овој случај го нарече потег со кој се бркаат спортските колективи и посочи дека толку скапо не чини изнајмување на Вембли (лондонскиот фудбалски храм – н.з.)

„Целта на државата, на градот и на сите институции е да ги помага спортските клубови, а не да ги брка од стадионот. Со ваков потег се бркаат клубовите. Денес е Вардар, утре може да биде Шкендија, Пелистер, Работнички. Претпоставувам дека да се закупи „Вембли“ за овој меч, не чини толку. Не ни е јасно, зошто тие го направија тоа. Јас како поранешен спортист можам да кажам дека така не се помагаат и стимулираат клубовите. Се надевам дека ќе ја сфатат грешката и дека ќе застанат за нас“, изјави Панчев.

Низ кулоарите веќе подолго време се зборува дека Вардар има долг кон ЈПССДП, а извршниот директор на клубот Симев посочи дека црвено-црните не должат на никого и плаќањето за изнајмување на стадионот за дуелот со Зенит е трипати повеќе од ситниот долг што го имале кон претпријатието. Инаку, ЈПССДП беше еден од спонзорите на Вардар, кога клубот го презема град Скопје и го раководеше се до купувањето на црвено-црните од страна на Самсоненко.

„При купопродажниот договор кој го направивме со град Скопје при преземањето, Вардар имаше годишен договор со ЈПССДП во кој клубот нема да плаќа закуп кон стадионот, затоа што како спонзори ова претпријатие немало финсниски средства да го плаќа Вардар. Имавме тогаш состаноци за се да доведеме на баланс нула. Сега, да имаме ние мал долг кон нив, но редовно си ги сервисираме долговите, а Вардар ниту бил, ниту ќе биде должни. Само да ве информирам дека вчерашната исплата е трипати поголема од нашиот долг“, рече Симев.

ЈПССПД со новиот ценовник бара по 3.000 евра за дневен меч во првенство, а 6.000 евра за ноќен термин, а цените за европски мечеви се десетпати повисоки, па полуфинале во Лига Европа чини 53.000 евра плус ДДВ. Интересно, во претпријатието ставиле цени и за дневни термини во европските купови во главните фази, иако е јасно дека такви не може да се играат (термините се 20.45 часот за ЛШ, а 19 и 21.05 часот за Лига Европа). Само Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го користи стадионот под друг договор од 2010 година, па цените за настапите на националните тимови имаат поинаков ценовник.

Ова е најновиот ценовник на јавното претпријатие за стопанисубвање со станбен и деловен простор донесен пред два дена.