Вардар одигра реми без голови со Црвена Звезда

По три порази по ред на зимските подготовки, најтрофејниот македонски клуб Вардар ремизираше без голови попладнево со белградска Црвена Звезда во четвртиот тест во Белек (Анталија).

Црвено-црните успеаа да ја прекинат серијата на порази, во неубедливиот свој настап на мечот, на кој белграѓани во второто полувреме тотално ги надиграа избраниците на Александар Васоски, но за среќа на голманот Филип Гачевски реализацијата беше очајна во неколкуте шанси, а еднаш и дирекот беше сојузник на Вардар по ударот на Милуновиќ со глава.

Вардар мечот го започна со Гачевски, Тошевски, Најдовски, Младеновски, Брдаровски, Жуниор, Димовски, Мицевски, Аврамовски, Попзлатанов и Ибиши, а во вториот дел играа и Велковски, Реџепи, Колевски, но најголем дел од првотимците го одиграа мечот и ова реми, во кое во првиот дел немаше ниту еден директен шут на двете страни и воглавно се играше помеѓу двата шеснаесетника.

Следен меч на Вардар е пресметката во недела со Борац Бања Лука, кој ќе биде претпоследен на овие зимски контролки.