Вардар најде наследник на Фабијани: „Гроф“ на клупата на шампионот!
Божовиќ доаѓа на местото на досегашниот тренер Кристијан Фабијани, а пред него е предизвикот да го врати Вардар на шампионските патеки и да ги исполни високите амбиции на клубот. Црногорскиот стручњак доаѓа во момент кога „црвено-црните“ имаат осум бода негатива во однос на Шкендија и само две победи во воведните пет кола од шампионатот. Новиот тренер потпиша договор до 2028 година.
„Гроф“ зад себе има богата тренерска кариера и искуство од повеќе европски првенства. Во минатото работеше во Србија, Русија и други земји, а особено е запаметен по периодот во Русија, каде што водеше неколку познати клубови. Последниот ангажман го имаше минатата сезона, на клупата на Будуќност од Подгорица.
Божовиќ е познат по својот темперамент, харизма и препознатливиот стил на работа, а токму неговото искуство треба да биде дополнителен адут за Вардар во продолжението на сезоната. Новото тренерско име на клупата носи и големи очекувања. Вардар како актуелен шампион има амбиции повторно да биде во самиот врв на македонскиот фудбал, а Божовиќ ќе треба да го одржи тимот на шампионскиот курс.
Минатата година, Божовиќ се спомнуваше како можен селектор на македонската репрезентација, на местото на Благоја Милевски кому му истече договорот на крајот од 2025.