Вардар и ФФМ ќе се тепаат за Арената „Филип Втори“?
Вардар одамна е заинтересиран да ја стопанисува Арената, која е дом на црвено-црните и тие своите мечеви ги играат со децении на овој стадион, кој беше комплетно реновиран во 2012 година. Вардарци беа гневни на одлуката на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор за двојно зголемување на цените за изнајмување на стадионот, откако црвено-црните испишаа историја со пласманот во Лига Европа, па дури и тогаш побараа и посочија дека ниту еден клуб во светот не плаќа толку скапо за да го изнајми стадионот за домашните мечеви, посочувајќи примери и од соседството, но и од Западна Европа.
Црвено-црните поради скапите цени, но и многу често поради одржувањата на теренот, во изминатите пет години присилно „беа бркани“ од Арената, па како домаќини играа на алтернативни терени во Скопје, најчесто во Ѓорче Петров, но и на стадионот во Маџари, па поради тоа дури и имаше план за изградба на свој стадион со помал капацитет за мечевите од домашниот шампионат и од Купот.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), пак, исто така би била заинтересирана за да го земе стадионот под своја капа, сооглед дека најмоќната спортска организација во земјава под посебни услови и под големи поволности ја користи истата затоа што инвестираше пари од УЕФА во процесот на реконструкција и реноирање на најголемиот стадион. На „Филип Втори“, фудбалската репрезентација ги игра најголемиот дел од своите мечеви (последните два ги играше во Струмица), а тука домаќин била и младата селекција, а веќе во март ќе се игра и елитната квалификациска рунда за пласман на ЕП за играчи до 19 години.
Добивањето на стадионот за стопанисување треба да ги реши најголемиот дел од проблемите, затоа што досега Арената не беше одржувана на посакуваното ниво, а од друга страна услугите за користење беа наплаќани прескапо за тоа што клубовите или репрезентацијата го добиваа. Одлуката на Владата и на Агенцијата за млади и спорт (АМС) е поздравена во спортските кругови, а сега останува да се види кој ќе излезе поуспешен во битката за „Филип Втори“.