Добива ли Арената „Филип Втори“ нов газда?

Најголемиот стадион во Македонија, Националната Арена „Филип Втори“ можно е да добие нов газда откако премиерот на Македонија, Зоран Заев денеска по состанокот со челнците на националните спортски федерации најавил дека ќе се укинува Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти.

Националната Арена беше под капата на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, откако Владата во 2009 година комплетно го реконструираше поранешниот градски стадион и беше изграден модерен стадион на кој лани се играше Суперкупот на Европа помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

„Наш план е да се укине Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, а спортските објекти да се префрлат на општините и на големите спортски федерации. На ваков начин спортските федерации директно ќе добијат можност да раководат со овие објекти, но со обврска и да ги вдомат дел од помалите федерации. Целта на сето ова е да се подобри функционирањето на спортските објекти, од кои дел од нив беа запоставени во изминатиот период“, изјави премиерот Заев на прес–конференција во Владата на РМ.

Голем проблем околу Националната Арена настана со зголемувањето на цените за изнајмување, со кои најмногу се соочи македонскиот шампион Вардар за настапите во Лига Европа, за кои акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор двојно ги зголеми цените за изнајмување, што наиде на револт кај вардарци, но и на останатите спортски колективи и федерации кои го користеа најголемиот стадион.

Сега се отвора шанса Арената да добие нов газда, кој ќе стопаисува со истиот и кој ќе треба да изнајде начин освен да го направи самоодржлив стадионот, туку и добро да го одржува. Досега, клубовите се жалеа на неисчистен стадион и недоволна грижа за стадионот, за чие изнајмување плаќаат солени цени, а не ги добиваат сите услуги (чистење, озвучување...).