„Вардар е клуб на народот, да покажеме како се сака и да собереме над 500.000 евра!“

Најверните вардарови навивачи Комити, кои го преземаа раководењето на најтрофејниот македонски клуб Вардар, вчера симболично во 19.47 часот (датумот на формирање на клубот) ја почнаа големата акција да ја распродадат Националната Арена, но не за еден меч како пред две години, туку за цела сезона и да соберат над пола милиони евра за да може македонската гордост нормално да дише.

Акцијата почна од вчера, но денеска Комити и вардаровит фудбалери од капитенот Дарко Мицевски, Дарко Глишиќ, Филип Гачевски на прес-конференција посочија дека обврска на секој Македонец и Вардарец е да се купи членска сезонска карта за 1000 денари и со тоа да му се помогне на клубот, кој во изминативе две години преживува вистинска голгота.

„Вардар е клуб на народот и народот има право да знае што се случува, а нашата битка за спас трае буквално три години, пред нешто повеќе од две продадовме 33.381 билет во најголемата акција со која сакавме да дадеме време за Вардар да преживее. Сметката е блокирана од 2018 година, сега повторно сме во акција за спас и сега ни е поддржата од народот и тоа како потребна. Зад Вардар веќе застанаа 12 општини и градот Скопје Оваа акција што ја спроведуваме е продолжение на таа од пред две години, со таргет десет пати поголем. Сакаме да покажеме дека сѐ е можно, да бидиме колку сме, да видиме колку Скопје го сака Вардар. Веруваме дека може да се продадат сезонските и да инкасираме над 500.000 евра. Заедно да покажеме како се сака клубот на народот“, рече Милорад Миленковски, претставникот на Комити.

Миленковски уште во петокот на првиот собир на Вардар најави дека се растрчани на многу форнтови, па денеска повтори дека освен со општините, веќе разговараа и со УЈП, ЈПССДП за поништување на камати, репрограмирање на долг, додавајќи дека од Сергеј Самсоненко е наследен долг од 2,4 милиони евра, а од Слободан Крстевски – 400.000 евра.