Македонскиот прволигаш Тиквеш остана во рацете на Општина Кавадарци по заминувањето на фамозниот спонзор, германскиот Турчин Осман Таш, па градоначалникот Митко Јанчев објави дека се работи на реконструкција на теренот на градскиот стадион.

Тиквеш повторно е во целосна сопственост на Општина Кавадарци, која најави дека и во следниот период ќе се работи со полна пареа со цел да се обезбедат најдобрите услови за тренинг и натпревари на стадионот на прволигашот.

„Откако ГФК Тиквеш повторно е во целосна сопственост на Општина Кавадарци, се работи со полна пареа. Во тек е реконструкција на теренот на градскиот стадион Тиквеш. Нашите фудбалери заслужуваат најдобри услови за тренинг и натпревари“, објави Јанчев.

Да потсетиме, на почетокот на сезоната пристигна Таш со големи најави дека кавадаречкиот клуб ќе стане стабилен прволигаш и секоја сезона ќе игра во Европа, но како минуваше времето така се зголемуваа долговите и незадоволството во тимот.

Општината му даде ултиматум на турскиот газда да ги среди финансиските проблеми во клубот, но тој реши да си замине, а со тоа и да ја уништи приказната за европски Тиквеш, меѓутоа од локалната самоуправа во Кавадарци не го оставаат клубот на немилост туку ветија дека со напорна работа ќе ја стабилизираат ситуацијата.

Тиквеш по осум одиграни кола има само осум освоени бодови и се наоѓа на делба на осмата позиција со Арсими.

Фото: Митко Јанчев