Струга: Ние ќе се тестираме само во надлежни институции!

Македонскиот прволигаш и полуфиналист во Купот, Струга Три Лум објави дека не бега од тестирање на својот фудбалски погон и на вработените во клубот, но дека тоа ќе го направат кај надлежни институции, следејќи ги протоколите на Фудбалската федерација на Македонија и Институтот за јавно здравје.

Струга и Шкупи беа единствените македонски прволигаши кои го одбија тестирањето од Синдикатот на фудбалери во Македонија (СФМ), која уште пред еден месец објави дека бесплатно за сите клубови овозможува тестирање, а истото го врши преку приватната клиника Аџибадем Систина.

Стружани, сега посочија дека не бегаат од тестирања и дека тоа ќе го направат, но не прецизираа кога. Од Шкупи, денеска, исто така објавија дека ќе се тестираат државно, зашто не верувале во резултатите од Систина, после седумте случаи во тавата тетовски клубови Ренова и Шкендија вчера (пет кај „гипсарите, двајца кај „црвено-белите“).

„Струга Трим Лум демантира дека не сака да направи тестови на Ковид-19. Нашиот клуб ги следи препораките на Фудбалската федерација на Македонија и на комисијата за заразни болести и како резултат на тоа ќе направи тестови само во државни институции, кои се признаени и прифатени како релевантни. Не треба беспотребно да се создава паника меѓу фудбалерите. Треба да бидеме внимателни, ама не и да создаваме паника“, објави струга Трим Лум.

Засега ФФМ молчи после позитивните наоди во двата тетовски клубови, а Ренова од вчера, додека Македонија ЃП од денеска („лавовите“ немаат ниту еден заразен) ги прекинаа тренинзите, па нејасно е како ќе продолжи Првата лига.