Струга го дочека очајниот Шкупи за да ја прекине кризата (ВИДЕО)
Шкупи е веќе отпишан, па и денеска на гости во Струга не видовме ништо ново. Домаќинот од друга страна доби можност да ги освои првите три бода во овој втор дел по петте дуели во кои запишаа два порази и три нерешени резултати.
Победата стружани ја најавија во првиот дел кога прво погоди Малески на асистенција на Хамза, а потоа Шабани ја затресе мрежата, додека улогата на асистент ја имаше Радески. Малески набрзо по погодокот кој го постигна влезе во прилика и за втор гол, меѓутоа ја погоди само пречката.
Не се промени сликата ниту по враќањето од одморот на фудбалерите, Струга уште трипати ја тресеше мрежата за конечни 5-0, Мазулухис постигна еден погодок, два беа дело на првиот стрелец во ПМФЛ, Компаоре.
Стружани на табелата сега се трети со 44 бода, зад Шкендија која има 51 и лидерот Вардар со 52.