Стојаноски: Ми недостигаат два бода за мирен сон, на Пелистер му требаат засилувања!
Пелистер беше во очајна форма кога Милан Стојаноски го презема клубот и донесе одредени резултати кои раѓаат оптимизам дека сезоната сепак може да се заврши позитивно.
Тој најпрво изрази жалење за двата загубени бода против Арсими во последното коло од есенскиот дел на сезоната.
„Борбата за опстанок ќе се води меѓу неколку квалитетни екипи. Испуштивме победа против Арсими во последното коло, иако на два пати кога имавме водство можевме да обезбедиме сигурна победа. Тие грешки ни се вратија како бумеранг и Арсими изедначи и можеше дури и да направи пресврт. Задоволен сум од натпреварот, им честитав на играчите, но на крајот од сезоната ми недостигаат два бода за мирен сон. Имавме и други испуштени шанси, особено со Македонија ЃП, но има доволно натпревари во пролетниот дел каде што можеме да покажеме што знаеме и умееме. Имам високо мислење за нашите ривали како Тиквеш и АП Брера, па се надевам дека подобрите ќе изборат опстанок“, изјави Стојаноски за сајтот на ФФМ.
Тој вели дека се потребни засилувања и квалитетни подготовки пред почетокот на вториот дел од сезоната.
„Во паузата меѓу двата дела на сезоната мора да се размислува и да се поправат слабите точки кои ги забележавме оваа есен. Поради различни причини, клубот не беше во посакуваната позиција на стартот на сезоната, но сега мислам дека ја имаме комплетната слика и ќе собереме сила да излеземе од кризата. Ќе се потрудиме да донесеме неколку засилувања, најмалку четири фудбалери за четири позиции, а потоа да одработиме квалитетни подготовки, со цел да го дочекаме подготвени пролетниот дел. Првиот собир ќе го имаме веднаш по Божикните празници, а во втората половина на јануари ќе продолжиме за Анталија, каде што покрај подготовките ќе имаме и неколку контролни натпревари“, рече Стојаноски.
Тој вели смета дека македонскиот фудбал за да биде погледлив,треба да има подобри терени.
„Ние не успевавме да ја прикажеме нашата најдобра игра главно поради лошите терени во овој период од годината. Мислам дека публиката е ускратена за погледлив и поинтересен фудбал поради терените кои по обилните врнежи изгубија на квалитет. Самото скратување на лигата нема да даде квалитет ако не се подобрат и терените“, заврши тренерот на Пелистер.