Стефан Спировски продолжува во Ференцварош!

Стефан Спировски, фудбалерот за врска на македонскиот шампион Вардар ќе ја продолжи кариерата во унгарскиот прволигаш Ференцварош.

Еден од најдобрите фудбалери во минатата сезона кај македонскиот шампион, не се врати синоќа со екипата во Скопје, туку остана во Истанбул, од каде што денеска ќе отпатува за Будимпешта за да стави потпис на договорот со новиот клуб. 

Дознаваме дека овој трансфер се крчкал подолго време, па затоа и црвено-црните го ангажираа Србинот Вања Марковиќ, за кого објавивме пред два дена.

Спировски е дете на битолски Пелистер, а оттаму кариерата ја продолжи во Борац Чачак. Оттаму дојде на позајмица во Работнички, па пак се врати во српскиот клуб, од каде што замина во бугарскиот Берое. Во Вардар дојде зимата во 2015 година како слободен фудбалер.

Неговата вредност според www.transfermarkt.com е околу 600.000 евра, а сигурно и Вардар добро ќе наплати од Унгарците.