И сопругата на Де Брујне призна: Ужасно е во Неапол, сѐ почесто размислуваме да си одиме
Во интервју за белгиското списание „НИНА“, таа откри дека двајцата сè почесто разговараат за животот во Лимбург, каде што имаат семеен дом.
„Сè почесто си велиме: Ќе живееме тука, во Лимбург. Колку побрзо се вратиме, толку подобро“, изјавила Мишел.
Иако смета дека Неапол е прекрасен град со одлична храна и клима, таа признава дека секојдневието е тешко за Де Брујне и нивните три деца.
„Кевин води многу ограничен живот во Наполи. Тоа воопшто не му е забавно. Како семејство не можеме нормално да излегуваме и да поминуваме време заедно во градот. Во Манчестер беше поинаку. Таму можевме да излеземе од дома без постојано некој да нè фотографира. Во Неапол тоа е невозможно“, објаснила таа.
Мишел потенцирала дека во одреден момент семејството станува поважно од фудбалските амбиции.
„Во одреден момент фудбалот веќе не е приоритет. Сте постигнале сè, сте направиле сè. Зошто тогаш би им го превртувале животот наопаку на вашите деца?“, порачала сопругата на белгискиот ас.
Покрај семејните причини, Де Брујне имаше и турбулентен период во Наполи. Првата сезона му беше обележана со повреда, а не ги криеше ниту несогласувањата со поранешниот тренер Антонио Конте, со кого имал различни погледи за фудбалот и неговата улога во тимот.
Во меѓувреме, се појавија информации за интересот на ПСВ Ајндховен, кој би сакал да го доведе Белгиецот во јануарскиот преоден рок. На прашањето за можноста да се пресели во Холандија, Де Брујне одговори: „Ќе видиме што ќе се случи“. Наполи засега нема потврдено дека е подготвен да се раздели со својата ѕвезда. Сепак, семејната желба за враќање во Белгија може да има големо влијание врз следниот чекор во кариерата на 35-годишниот фудбалер.