Стартува никогаш посилната Втора лига - „тежи“ дури девет шампионски титули!

Денеска стартува новата сезона Втората лига, која според имињата на учесниците ветува една од најинтересните битки за влез во елитата во последната деценија.

Лигата сезонава брои две екипи помалку, но затоа во неа има голем број клубови со сериозна традиција во македонскиот фудбал. Работнички, Пелистер, Шкупи, Македонија ЃП и Брера минатата сезона беа дел од елитата, а сега ќе мораат преку второлигашката конкуренција да го бараат патот назад кон елитата. Тука се и Беласица, Тетекс и Охрид, клубови кои традиционално имаат свои амбиции, како и Кожув, Осогово, Еуромилк, Новаци и Детонит, кои веќе добро ја познаваат второлигашката конкуренција. Единствен дебитант е Камјани.

Колку „тежи“ годинашната Втора лига најдобро покажува фактот што во неа ќе настапуваат три поранешни шампиони на Македонија – Работнички, Шкупи и Македонија ЃП, кои заедно имаат освоено девет шампионски титули. Дополнителна тежина на конкуренцијата ѝ даваат Пелистер, Тетекс и Брера, кои во својата историја го освојувале Купот на Македонија. Интересно ќе биде и во Струмица, која повторно има два клуба во ист ранг – Беласица и Брера.

Влогот е голем. Првите две екипи на крајот од сезоната ќе обезбедат директен пласман во Првата лига, третопласираниот ќе добие можност преку бараж да се избори за елитен статус, додека последните три клуба ќе испаднат од Втората лига. Новата сезона започнува со шест натпревари - сите од 17 часот.

ВТОРА ЛИГА – 1. КОЛО

ДЕНЕСКА (17 часот)

Брера – Еуромилк

Македонија ЃП – Тетекс

Работнички – Кожув

Охрид – Новаци

Шкупи – Детонит

Беласица – Осогово

УТРЕ (20 Ч.)

Пелистер – Камјани