Струга Трим Лум со само три бода и меч повеќе од првакот Шкупи заминува на зимска пауза од два месеци, откако денеска не успеа да ја освои Автокоманда и ремизираше 1-1 со фенерџијата Скопје, а чаирчани со 4-2 победија во скопското дерби со Работнички на крајот на есенскиот дел со ова 18-то коло, последно од првиот дел од сезоната.

Стружани пропуштија шанса да ги задржат петте бода предност пред Шкупи, иако први поведоа на мечот, но Скопје успеа да се врати и со гол од пенал да освои важен бод и да остане на само еден од Академија Пандев, а два од Победа во трката за спас и опстанок барем преку баражот.

Христијан Малески во 57-та донесе водство за Струга ТЛ, но играта со рака во шеснаесетникот на Бојан Илиески, ја искористија „пиратите“ преку Леонид Игњатов за израмнување од белата точка. Бесар Ибраими пред крајот имаше шанса, но топовскиот удар заврши малку над пречката, па лидерот пропушти шанса со победа да ја заврши есенва.

Кристијан Трапановски со две асистенции, еден изнуден автогол и на крај гол на 11 минути пред крајот беше јунакот на Шкупи за триумф со Работнички, четврти по ред за првакот. Сандеј Адетунџи даде два гола за Шкупи во вовведните 20-на минути, па Фати Исмаили пет пред полувремето си ја погоди сопствената мрежа, но дебармаалци не се предадоа, иако имаа огромни 0-3.

Иако судиите ги „ограбија“ со поништениот гол на Анес Рушевиќ при 0-1 во првиот дел, Методи Максимов, младинскиот македонски репрезентативец набрзина до еден час игра со два гола комплетно го врати Работнички во мечот на гол негатива, но Трапановски реши сè на 11 минути пред крајот, а дебармаалци немаа сила да дојдат до израмнување, иако и Игор алексовски неколкупати со интервенции ги оставаше во игра до клучниот момент пред крајот.

Минатосезонскиот вицепрвак Академија Пандев со трет пораз по ред, а 11-ти есенва ја заврши мизерната полусезона како претпоследен на табелата, после поразот од изненадувањето во овој прв дел Тиквеш, кој со 2-0 славеше во Струмица со головите на Иван Ивановски во 21-та и Андреј Лазаров во 61-та минута од мечот.

Кавадарчани со победата повторно се четврти, поради подобрата гол-разлика засега (во меѓусебниот дуел имаат два порази од кратовци), откако Силекс го загуби дуелот со Македонија ЃП со 1-3 во мечот на кој блескаше стоперот Филип Мишевски со два гола во првиот дел, кога практично и „лавовите“ ја обезбедија победата за да дојдат до 20 бода и седмо место на табелата после оваа прва половина од сезоната.

Дефанзивецот на Македонија ЃП, Филип Мишевски е јунак на „лавовите“ со хет-трик денеска против Силекс, откако даде еден од пенал, еден од слободен удар во првите 24 минути, а потоа од пенал седум минути пред крајот стави печат на победата, осум минути откако Ристовски ги врати кратовци во мечот.

Иако имаа 2-0 после половина од првото полувреме и расположениот Дарко Додев кој набрзина даде два гола, Брегалница не успеа да ја победи Победа, па на крај со реми 2-2 заврши пресметката во која штипјани пропуштија можност да останат поблизу до четвртото место, а прилепчани со бодот до кој дојдоа со голови на Атхе Мазари и Амос Губам го искористија новиот пораз на Пандевци за да го напуштат претпоследното место на заминување на зимската пауза.

ПРВА ЛИГА, 18. КОЛО

Академија Пандев – Тиквеш 0-2 (0-1)

Ивановски 21, Лазаров 61

Брегалница – Победа 2-2 (2-0)

Додев 17, 21 – Мазари 48, Губам 72

Скопје – Струга Трим Лум 1-1 (0-0)

Игњатов 69 – Малески 57

Работнички – Шкупи 2-4 (0-3)

Максимов 55, 63 - Адетунџи 7, 21, Исмаили 40 аг., Трапановски 79

Силекс – Македонија ЃП 1-3 (0-2)

Мишевски 14 п., 24, 83 п. - Ристовски 76

Шкендија е слободна

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 37 (17), Шкупи 34 (16), Шкендија 28 (16), Тиквеш 26 (17), Силекс 26 (17), Брегалница 21 (16), Македонија ЃП 20 (16), Работнички 18 (16), Победа 13 (16), А. Пандев 12 (17), Скопје 11 (16).