Силекс се врати во Прва лига, Вардар ја урна Воска и остана во трка за баражот! (ФОТО)

Поранешниот македонски првак и актуелен освојувач на Купот, Силекс и официјално е нов прволигаш, а најтрофејниот македонски клуб Вардар го доби големото дерби со Воска Спорт во Струга (1-0) за да се врати во трката за баражот во последните две кола од сезонава во Втората лига – Запад, по денешното 25-то коло.

Бенјамин Демир со голот во 63-та минута му го обезбеди толку посакуваниот триумф на Вадар против директниот ривал за да дојде на три бода на две кола до крајот во трката за баражот, па сега црвенп-црните имаат предност во меѓусебните пресметки (2-0, 1-0 и пораз 1-2), со што им треба помош во завршните 180 минути од Беса или Силекс за да го обезбедат баражот (со уште еден пораз на охриѓани), а притоа ќе мора да победат двапати во своите пресметки со кратовци идниот викенд и со Кораб во Дебар за два викенди.

Демир ги казни стружани кои во првиот дел во самата завршница промашија две големи шанси од кои една чист зицер на Дарко Размоски чиј удар го одбрани Филип Гачевски, па ова беше трета победа во третиот меч за екс-капитенот Бобан Грнчаров откако седна на кормилото на црвено-црните.

Силекс со победа со 2-0 против Тетекс со голови на Благоја Спиркоски и Антонио Каланоски го завери пласманот во Првата лига како првопласиран во западната група, иако на кратовци и не им требаше победата зашто Воска загуби од Вардар.

ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД

Воска Спорт – Вардар 0-1, Силекс – Тетекс 2-0, Кораб – Гостивар 0-0, Охрид – Кадино 6-2, Беса – Велешта 8-1

ТАБЕЛА: Силекс 65, Воска Спорт 55, Вардар 52, Тетекс 35, Беса 32, Гостивар 31, Охрид Лихнидос 28, Кораб 27, Велешта 17 (испадната), Кадино 6 (испаднат).