Силекс прокоцка „плус“ два во Струмица и првпат сезонава одигра - мирољубиво!

Екипата на Силекс долго време ќе жали за пропуштената шанса за триумф на денешното гостување кај Брера (3-3), откако мораше да ги подели бодовите со противникот и покрај убедливото водство со два гола на почетокот од второто полувреме.

Ова е прво реми за кратовци во новата сезона, во која досега имаа седум победи и четири порази, а втор меч по ред без триумф по фантастичниот почеток со пет успеси во низа. Мирчевски од пенал го отвори резултатот во корист на гостите уште во 19. минута, но пред самиот крај на првиот дел изедначи Михаилов. Составот од Кратово имаше фантастичен старт на вториот дел, а Донов во 47. минута и Пирес три минути подоцна донесоа убедливо водство, кое им даде надеж за враќање на победничката патека.

Но, струмичани не се предадоа, напаѓаа со сите сили, што им донесе резултат. Лука Луковоќ прво погоди во 63. минута за намалување на негативата, за Михаилов седум минути подоцна, со својот втор гол по грешка на еден од противничките дефанзивци, го изедначи резултатот. Брера во судиското надополнување дури имаше и две убави шанси за целосен пресврт, но не успеа да ги реализира.

Силекс со овој бод останува на четвртата позиција на табелата со 22 бода, седум помалку од лидерот Струга. Вечерва се игра претпоследниот меч од 12. рунда во Првата лига и тоа македонското „Ел Класико“ помеѓу Пелистер и Вардар (17 часот) во Битола.