Чаирски Шкупи многу амбициозно влезе зимава па изнакупи засилувања, скоро цел еден нов тим за да го нападне врвот кој го држи Шкендија и да го освои тронот, ама после вториот пролетен меч, чаирчани веќе отидоа на минус осум бода во однос на тетовци, откако денеска ремизираа без голови со Академија Пандев на теренот на ФФМ.

Шкупи купи куп новаци, но против пандевци сѐ што успеаа да направат се едвај – две шанси. Екс-вардарецот Матеј Цветановски, кој донесе три бода минатата недела во Велес, имаше зицер во 49-та минута, но лошо биеше крај голот, а екс-пандевецот Кристијан Трапановски седум минути пред крајот опасно се закани, но Марко Јовановски бравурозно одбрани.

Ова беше сѐ што Шкупи го направи, зашти струмичани знаеа што сакаат, ги затворија приодите, не дозволија креативност на чаирчани, па дури во првиот дел и многу повеќе прикажаа од само јаловата иницијатива што домаќините ја имаа. Шкупи во вториот дел беше малку поконкретен, но далеку од екипа која ќе се мачи да направи шанса, а Академија Пандев одиентирана да освои барем бод, не се ни потруди премногу да се закани во второто полувреме.

После победата на Шкендија во дербито со Вардар со 2-1 со мајсторискиот гол на Арменд Алими по еден час игра, тетовци сега избегаа на големи осум бодови, што уште потешка им ја прават задачата на чаирчани до крајот на сезоната да направат изненадување за да им ја земат титулата.

Македонија ЃП ремизираше со Борец без голови, а Струга Трим Лум ја освои Струмица кај фенерџијата Беласица со голови на Марјан Алтипармаковски и Нијаз Лена од пенал за да се приближат на само три бода од „лавовите“ во битката за третото место кое директно води во Европа. Иако Ќатип Османи направи сериозна реконструкција во Ренова, „гипсарите“ врзаа два порази на стартот на пролетта, откако голем триумф запиша Пелистер во Битола со 3-1 и

тоа во директниот дуел на двете екипи кои се во зоната за баражи за опстанок. Омар Гудијаби и Борче Маневски од пенал во првиот дел ја најавија победата, а Дарко Размоски седум минути во вториот дел го завери триумфот, па битолчани дојдоа на бод од сигурната зона.

ПРВА ЛИГА, 20 КОЛО
Шкендија – Вардар 2-1 (1-1)

Мурати 16, Алими 62 – Мирчевски 17

Пелистер – Ренова 3-1 (2-1)
Гудијаби 9, Маневски 44 п., Размоски 55 – Алити 23

Македонија ЃП – Борец 0-0

Шкупи – А. Пандев 0-0

Беласица – Струга Трим Лум 1-2 (0-1)
Каланоски 83 п. - Алтипармаковски 26, Лена 60 п.

ВЧЕРА
Работнички – Силекс 1-1 (0-0)

Прелчец 51 – Галевски 80

ТАБЕЛА: Шкендија 45, Шкупи 37, Македонија ЃП 35, Струга Трим Лум 32, Работнички 28, Вардар 26, Борец 26, Силекс 23, Пелистер 22, Ренова 19, А. Пандев 18, Беласица 12.

\