Шкендија оди на победа против Башкими за да го одржи чекорот со Вардар!

Денеска се играат последните два натпревари од 29. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Шкендија е домаќин на Башкими, а Силекс гостува на Струга.

По вчерашната победа на Вардар над Тиквеш, Шкендија нема друга опција од тоа да го совлада Башкими ако сака да ја продолжи борбата за шампионската титула.

Тетовскиот клуб сезонава веќе двапати го победи Башкими, а денеска целат кон трет триумф над зелено-црните.

„Мораме да го сфатиме овој натпревар многу сериозно. Најопасните мечеви се против тимовите кои се борат за опстанок, затоа што тие секогаш наоѓаат мотивација против оние екипи кои се борат за највисок пласман. Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната секунда, да не правиме грешки и да ја контролираме играта. Нашата цел сезонава е двојна круна, односно титула во шампионатот и пехар во Купот на Македонија“, рече голманот на Шкендија, Бабукар Гаје.

Башкими си има свои сметки и нема да отиде со бело знаме во Тетово, е се обиде да му пружи отпор на фаворитот.

„Натпреварот во Тетово ќе биде најтешкиот за нас оваа сезона, бидејќи играме против екипа за која победата е императив. Со отсуството на двајцата централни дефанзивци и капитенот Арменд Алими поради картони, оваа средба за нас е мисија која, доколку успешно ја завршиме, со златни букви ќе биде запишана во клупските анали. Очекувам гладијаторска борба – едната страна се бори за титула, а другата за спас од баражот“, изјави Мухаем Мислими.

Натпреварот меѓу Шкендија и Башкими почнува од 16 часот, а три часа претходно ќе стартува дуелот меѓу Струга и Силекс.

„Подготвени сме за добар натпревар и се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода. Во последниот период имавме лоши настапи пред домашните гледачи и мислам дека им должиме едно квалитетно издание. Верувам дека ќе одиграме на потребното ниво и дека на крајот ќе се радуваме“, изјави напаѓачот на стружани, Басиру Компаоре.

Силекс е во добра форма и нивната цел е да се вратат со бодови и од гостувањето во Струга.

„Неслучајно Силекс во последните две години покажува карактер и се бори за врвот на табелата. Не сме таму каде што сме случајно, и сега ќе се обидеме да се пласираме што е можно погоре на табелата. Имаме и реванш во Купот, што е многу важен натпревар за нас, меѓутоа сега треба да мислиме како против Струга да изненадиме и да дојдеме до три бода. Во добра серија сме, играме добро, сега само така треба да продолжиме, да ја наметнеме нашата игра, и нормално, доколку видиме шанса да дојдеме до триумф, тогаш ќе треба да ја искористиме и да стигнеме до нова победа“, изјави играчот од средниот ред на Силекс, Дарко Додев.