Саве вчера не испиша само историја, туку и добро си го наполни џебот!

Фантастичниот Кениец, Себастијан Саве, вчера испиша историја откако стана првиот човек кој истрча маратон под границата од два часа во официјална трка, подвиг што му донесе и сериозна финансиска награда.

На престижниот Лондонски маратон учествуваа вкупно 59.000 тркачи, а токму Саве беше најбрз, минувајќи ја целта со неверојатно време од 1:59:30. Со тоа, тој го собори светскиот рекорд од 2:00:35, кој го постави покојниот Келвин Киптум на Чикашки маратон во 2023 година.

Инаку, уште еден Кениец, Елиуд Кипчоге, во 2019 година истрча маратон за 1:59:40.2, но тој резултат не беше признат бидејќи не беше остварен во услови кои ги исполнуваат критериумите за светски рекорд. Треба да се спомене дека вчера под два часа истрча и второпласираниот Јомиф Кејелча тој низ целта помина за време од 1:59.41.

Сите победници на Лондонскиот маратон (во машка и женска конкуренција, како и во трките во инвалидски колички) добиваат основна награда од 40.000 фунти, односно околу 46.000 евра. Второпласираниот добива 24.000 фунти (27.700 евра), но Саве заработи значително повеќе благодарение на бонусите.

Секој натпреварувач кој ќе заврши под 2:02:00 (мажи) или 2:15:00 (жени) добива дополнителни 128.000 евра.

Дополнително, за соборување на светскиот рекорд Саве инкасираше 106.000 евра, како и бонус од 21.500 евра за нов рекорд на Лондонскиот маратон. Така, по вчерашната трка, Саве инкасираше импресивни 302.000 евра.

Фото: EPA