Шкендија го распарчи „лавовите“, Дембо го врати Шкупи на победничките патеки

Актуелниот лидер Шкендија ја задржа лидерската позиција откако попладнево ја распарчи Македонија Ѓорче Петров, тѕриумфирајќи со 5-0 за да ја продолжи извонредната серија против „лавовите“ од 14 години без пораз на домашен терен, па Шкупи со триумфот против фенерџијата Беласица со 3-1, сега се врати на второто место како прв ривал на црвено-црните во битката за шампионскиот трон, после одиграното 14-то коло.

Македонија ЃП осоколена со одличната серија и второто место, на бод од Шкендија, дојде под Шара за да го нападне и освои првото место, ама тетовци денеска го одиграа најдобриот меч, па за нешто повеќе од пола час игра ја завршија работата со ѓорчепетровци, кога им дадоа три гола во првото полувреме, а потоа во завршницата со уште два да ги дотепаат.

Младиот и суперталентиран Дашмир Елези, кој влезе во историјата на македонскиот фудбал како најмлад дебитант и стрелец на гол пред едно коло кога даде гол во ремито со Шкупи на 16 години и еден ден денеска по 11 минути ја најави победата на тетовци, а Љупчо Дориев и Бесарт Ибраими во четири минути во средина на првиот дел додадоа уште два за огромна и сигурна поведа веќе до паузата, за Валмир Нафиу и Енур Тотре со два гола од 88-та до 90-та да пукнат „петарда“ против „лавовите“.

Дембо Дарбо со два гола го врати Шкупи на победничкиот колосек после три ремија во низа, па Беласица денеска беше лесен плен за чаирчани, за кои прв сезонски погодок даде и костариканецот Фреди Алварез, по што Шкупи со два бода зад Шкендија сега е на второто место и практично сезонава битката за тронот ќе се води токму помеѓу овие два тима, кои досега покажаа и најголем квалитет.

Борец со пресврт во последните 15 минути успеа да избие на четвртото место во пресметката со Струга, за да ги прескокне на табелата. Никола Прелчец во 74-та и Трајче Трајков во 86-та дадоа два гола за триумф со 2-1, откако стружани по 51-та минута водеа со гол на Абдулхади Јахја и тоа во момент кога беа со фудбалер помалку после исклучувањето на Бунјамин Шабани три минути пред полувремето.

Силекс врза втора победа во низа, па денеска го победи првакот Вардар со 1-0, иако кратовци цело второ полувреме го одиграа со фудбалер помалку, но Денис Ристов во 51-та минута го искористи моментот за да победи со 1-0 и со тоа да ги прескокне црвено-црните на табелата.

Ренова ја запиша втората победа во низа и Ќатип Османи го препороди тимот, кој вторпат за три дена стигна до минимална победа со 1-0, кога Шефит Шефити погоди, а до триумф дојде и Работнички против Пелистер за дебармаалци конечно да се израдуваат после подолга пауза, а да ја продлжат мизеријата на битолчани.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО

Шкендија – Македонија ЃП 5-0 (3-0)

Елези 11, Дориев 35, Ибраими 39, Нафиу 88, Тотре 90

Шкупи – Беласица 3-1 (2-0)

Дембо 27, 82, Алварез 42 – Ивановски 60

Работнички – Пелистер 1-0 (1-0)

Ѓурѓевиќ 45 п.

Силекс – Вардар 1-0 (0-0)

Ристов 51

Академија Пандев – Ренова 0-1 (0-0)

Шефити 73

Борец – Струга Трим Лум 2-1 (0-0)

Прелчец 74, Трајков 86 - Јахја 51

ТАБЕЛА: Шкендија 30, Шкупи 28, Македонија ЃП 26, Борец 22, Струга Трим Лум 20, Силекс 20, Вардар 19, Работнички 17, Ренова 14, Пелистер 12, А. Пандев 10, Беласица 9.