Шкендија денеска ја решава домашната задача против Арсими, па пак ќе мисли на Лудогорец

Денеска со почеток од 17 часот Шкендија го пречекува Арсими во натпревар од третото коло во Првата македонска фудбалска лига.

По успешниот настап против Лудогорец, Шкендија се врти кон домашното првенство пред да продолжи во Европа. Актуелниот шампион денеска го пречекува Арсими во единствениот меч кој е на програмата.

Тетовскиот тим е голем фаворит против новајлијата во лигата и се освен нивна победа би било изненадување.

„Имаме доволен фонд на играчи како што секогаш вели нашиот тренер, и ние треба да се бориме на сите три фрона. Го имаме домашното првенство, Купот и европските натпревари. Имаме играчи за сите да имаат минутажа. Веруваме дека ќе бидеме концетрирани за позитивни резултати во домашното првенство, домашниот шампионат е најважен, затоа што токму преку ова натпреварување стигнавме до Европа и до историскиот успех со оглед дека ќе играме во групната фаза на едно натпреварување. Го почитуваме тимот на Арсими. Станува збор за добра, организирана екипа, но Шкендија влегува максимално сериозно на секој натпревар и мотивирано за нова победа“, вели Лидирон Љатифи за сајтот на ФФМ.

Арсими во Тетово ќе се обиде да ги искористи евентуалните грешки кои ќе ги направи Шкендија.

„Не очекува важен првенствен натпревар против актуелниот првак, Шкендија. Максимално го почитуваме противничкиот тим, кој има успеси дури и на европската сцена и кој покажа исклучителен квалитет. Доаѓаме со борбен и тимски менталитет. Добро сме подготвени, трениравме интензивно, тактичките насоки ги повторувавме, а не недостига ниту нашата посветеност да дадеме максимум во секој момент. Нашата цел е да играме храбро и да ја искористиме секоја евентуална грешка на Шкендија“, вели играчот на Арсими, Армин Бесагиќ.