Се враќа фудбалот во Македонија и тоа со - големо дерби!

Денеска почнува вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, се игра 17. коло кое носи и дуел меѓу два кандидати за титулата, Шкендија ќе ја пречека екипата на Струга.

Зимската пауза заврши, екипите по направените подготовки се враќаат во натпреварувачки колосек. Денеска, утре и во четврток се играат по два натпревари од 17. коло.

Веднаш на програмата имаме дерби, денеска од 14 часот Шкендија ќе ја пречека Струга, тоа е дуел меѓу третиот и вториот на табелата, два од трите кандидати за шампионската титула.

Во истиот термин, отпишаниот Шкупи ќе ја пречека екипата на Тиквеш која цели кон средина на табелата за мирен финиш на сезоната.

Актуелниот лидер на табелата, екипата на Вардар игра утре. Од 13 часот на тренинг комплексот „Петар Милошевски“ на ФФМ ќе го пречекаат тимот на Арсими. Еден час подоцна утре ќе почне и дуелот меѓу Силекс и Башкими.

Колото ќе биде затворено во четврток кога од 13 часот најпрво ќе почне мечот Брера - Македонија Ѓорче Петров, а потоа од 14 ќе играат Пелистер и Работнички.

ПМФЛ 17. коло:

Шкендија - Струга
Шкупи - Тиквеш
Вардар - Арсими
Силекс - Башкими
Брера - Македонија ЃП
Пелистер - Работнички

Табела: Вардар 42, Струга 41, Шкендија 36, Силекс 31, Арсими 22, Башкими 22, Брера 19, Тиквеш 18, Пелистер 16, Македонија ЃП 15, Работнички 7, Шкупи 1.