Самсоненко плати голем дел од долговите на Вардар!
Самсоненко денеска го исплатил долгот кон Новак, долгувањата што настанаа после случајот со Максим Максимов, рускиот центарфор поради кој минатата година Вардар беше казнет со забрана за трансфери во два преодни рокови, а се исплатиле и долгувањата што ги имала Академијата.
Украинецот Новак си замина летоска, па го тужеше Вардар за неисплатени плати, по што се активираше забраната за трансфери зимава, кога Вардар се соочи со нов егзодус на фудбалери од првиот тим, па стартуваше во новата сезона буквално во „пет до 12“. Поради забраната Вардар не можеше да се засилува за пролетниот дел од сезоната, па сега првата пречка за трансфери на лето е тргната.
Со овој почеток на исплатата на долговите што се направени во ерата на владеење на Самсоненко, кој го презема клубот од јануари 2014 година, е најава за расчистување на хаосот во Вардар, особено откако скопскиот градоначалник викендов посочи дека се преговара за нов стратешки партнер и инвестирот во клубот, но дека рускиот бизнисмен мора да го врати долгот од 3,5 милиони евра.
„Да не се лажеме и да мислиме дека некој ладно ќе дојде и ќе плати 3,5 милиони евра долг. Преговараме со стратешки партнер за Вардар, но веќе сме во комуникација со нив, разменети се драфт-договори, но јас претпочитам Самсоненко да ги врати долговите и да го врати клубот како што го зема – со чиста сметка“, рече пред неколку дена Шилегов.
За да почне пролетната полусезона, Вардар ја одблокира сметката со простување на камата кој Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, а Владата одобри и финансиска помош од скоро 100.000 евра за да се одблокира сметката, за да може да се реализираат ваучерите за да се плаќаат фудбалерите од актуелниот погон. Плус, навивачката акција „купи карта за спас за Вардар“ обебзеди дополнителни 50 илјади евра со распродадената Арена за воведниот меч во оваа пролетна полусезона со Пелистер (2-2).