
Само чудо ќе го спаси Шкупи од распаѓање, ваков хаос не се средува ниту со волшебно стапче!
Последните информации од редовите на чаирчани говорат дека фудбалерите Емануел Аворнио и Клемен Ансах од Гана, како и Ел Хаџи Геје од Сенегал си заминале како слободни фудбалери без валидни договори за ова сезона.
Доказ за проблемите беше и составот со кој Шкупи истрча против Шкендија, имено во првиот тим на теренот беа седум младинци, додека на клупата имаа само четири резервни фудбалери, а двајца од нив беа голмани. Исто така на клупата на Шкупи против Шкендија го немаше Бобан Бабунски и без никакво објаснување за неговото отсуство тимот го водеше Умит Шахин.
Ринор Ајдини кој пристигна летово во Чаир веќе го замени Шкупи со Арсими, а последен кој заминал бил и Арсим Љамалри. Исто така голема е веројатноста и останатите фудбалери кои немаат валидни договори да си заминат. Против Шкендија од фудбалерите кои беа на теренот од младинскиот состав не доаѓаа само: Али Адеми, Адили, Мухарем и голманот Гроте.
Во овој момент според последните информации Шкупи има регистрирано само десет фудбалери, па така доби попуст од ФФМ да настапи во првото коло и покрај тоа што потребни се 15 регистрирани професионални фудбалери.
Останува да се види до каде може да оди Шкупи со вакво раководење, меѓутоа јасно е дека ако нешто не се промени, многу брзо може да се дојде до целосен распад на клубот.
На сето ова треба да се потсети дека Шкупи пред почетокот на сезоната беше соочен и со сериозни обвинувања за местење на натпревари, а сето тоа доведе и до конфликт со навивачката група „Шверцери“ која бара целосни промени.