Росети ја посети Македонија и ги едуцираше македонските судии (ФОТО)

Во организација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска се одржа напреден едукативен семинар за судиите и асистентите од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а гостин беше шефот на судиите на УЕФА, Роберто Росети.

Беше организирана и свечена церемонија за доделување на ФИФА амблемите за македонските интернационални судии за 2026 година.

„Потребни ни се квалитетни судии од секаде, вклучително и од Македонија. Потребни ни се врвни судии, потребен ни е квалитет. Отфрлете ги негативните мисли и дајте го вашиот максимум. Со нетрпение очекуваме да видиме судии од овие простори во нашите најголеми натпреварувања, во Лигата на шампионите, на Европските првенства и насекаде на меѓународната сцена. Сè зависи од вас“, порача Росети кој одржа предавање.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во своето обраќање истакна дека федерацијата го исполнува ветувањето дадено пред една година, максимално да инвестира во судењето, во знаењето и едукацијата на судиите.

„Судиите се најважниот дел од судиската организација. Вашето однесување и вашите одлуки можат да го направат првенството многу полесно. Ние како федерација го правиме нашето, инвестираме во вашата едукација и развој. Од вас бараме да учите, да слушате совети од поискусните, да судите чесно и со минимум грешки. Убеден сум дека можете уште подобро. И покрај тоа, морам да кажам дека сме задоволни од начинот на кој судите и се однесувате“, истакна Омерагиќ.

Семинарот беше фокусиран на напредна стручна анализа на ситуации од натпревари, унифицирање на критериумите, физичка подготвеност, како и употреба на современа технологија во судењето. Повеќе од 70 судии и асистенти судии активно учествуваа во работните сесии, со цел дополнително унапредување на квалитетот на судењето во Прва МФЛ и создавање кадар подготвен за највисоки предизвици.

„Со доделувањето на ФИФА амблемите, македонските интернационални судии официјално го добија признанието за нивниот квалитет и одговорност да ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена. ФФМ продолжува со силна поддршка и инвестиции во судиската структура, во насока на континуиран напредок, професионалност и присуство на македонски судии во елитните европски натпреварувања“, велат од ФФМ.