Кошаркарската репрезентација по 20 години се враќа во култниот „Градски парк“!
Според најавите, жолто-црвените тренинзите во пресрет на пресметките со Луксембург на домашен терен и против Азербејџан во Баку ќе ги одработуваат во салата во која во минатото беа одиграни можеби најмногу натпревари на националниот тим. Арената на Работнички беше речиси постојана база на репрезентацијата во првата деценија по осамостојувањето, како и до половина од воведната деценија од 21 век, со повремени „преселби“ во аеродромската Лименка односно во градовите низ Македонија.
Кошаркарската селекција последен пат во „Градски парк“ тренираше и играше во септември 2006 година пред дуелот против Португалија во квалификациите за ЕП 2007 и оттогаш овој објект замина во репрезентативна пензија, барем кога станува збор за сениорската конкуренција. Потоа кратко се играше во „Јане Сандански“, а во игра влезе ново изградената сала „Борис Трајковски“, додека некогашниот храм полека, но сигурно пропаѓаше па таму подолго време и не се играат натпревари од елитен клупски ранг.
Салата „Градски парк“ изминатиов период се реновира и доби ново, модернизирано руво, но се уште не е средено баш се поради што Работнички и понатаму игра како „преселник“ низ скопските сали. Но, овој објект е одличен за тренирање, поради што Македонија токму таму ќе ја почне приказната со новиот селектор, Хозе Мариа Берокал. Во случај навреме да не се отстранат последните недостатоци тогаш дуелот против Луксембург ќе се одигра во салата „Јане Сандански“.