Шкендија сонува нова европска сензација – против турски Самсунспор!

Шкендија, која не само што обезбеди историско учество во лигашката фаза под покривот на УЕФА, туку избори и европска пролет, сега ја очекува двомеч со турскиот Самсунспор за пласман во осминафиналето од Конференциската лига.

Тренерот Јетон Беќири е свесен за тежината на предизвикот, особено по промената на клупата кај противникот.

„Ни се отежнија подготовките зашто противникот има нов тренер, Торстен Финк, кој дојде непосредно пред овој меч. Горди сме што Шкендија ќе игра и напролет во Европа и ќе сториме сè да оствариме позитивен резултат. Тие се една од најквалитетните екипи со кои се соочуваме на овој европски пат. Ќе бидеме трпеливи и ќе ја чекаме нашата шанса“, изјави Беќири.

Тетовци имаат зад себе солидна европска есен. На шесте натпревари во првата фаза освоија седум бода (две победи, едно реми и три порази), што беше доволно за пласман во плеј-офот. Шкендија игра добро и во домашното првенство, ја отвори пролетната полусезона со победи над Струга (2-0) и Тиквеш (4-1), што дополнително ја крена атмосферата во тимот пред европскиот предизвик. Првиот меч ќе се игра на Градскиот стадион во Скопје со почеток од 21 часот.

Самсунспор, пак, имаше променлива форма во Конференциската лига – стартуваше со три победи, но потоа следуваа два порази и едно реми, што покажува дека станува збор за тим со квалитет, но и со осцилации во играта.