Родителите си ги гледаат дечињата со „двоглед“ (ФОТО)

Неодлучноста да се казнат екипите чии тренери и родители најчесто се тепаа лани, лошото судење на судиите-миленици на фотељашите во ФФМ и целокупната очајна организација на настанот, доведе до ситуација Детската лига наместо семејно задоволство, да стане – измачување.

Тажни беа денешните сцени на фудбалскиот комплекс „Петар Милошевски“ во скопската населба Ново Лисиче, каде што родителите и другите заинтересирани за следењето на средбите на фудбалските таленти мораа возбудувањето на теренот да ги следат од далечина, зад оградата на теренот. Причина за ова е одлуката на ФФМ да ги „казни“ сите екипи од северниот регион да играат без публика, поради неколкуте инциденти минатата сезона кои завршија со вербална и физичка пресметка.

Ваквата чудна и без преседан одлука на Куќата на фудбалот не го намали интересот за следење на средбите од Детската лига во казнетиот регион, туку само ги примора родителите и останатите да се почувствуваат како „шверцери“, кои гледаат фудбалски средби од далеку бидејќи не сакаат да платат влезни билети. И сето ова поради немање желба, знаење и храброст да се санкционираат малиот број проблематични тимови, како и судиите-миленици, кои со своето не знаење внесуваа дополнителен хаос.