Светското клупско првенство во Доха – Реал Мадрид ќе игра директно во финале!

Финалето на Интерконтиненталниот куп за титулата клупски светски шампион ќе се игра на стадионот „Лусаил“ во Доха, а европскиот шампион Реал Мадрид директно обезбеди пласман во мечот за трофејот, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Ова значи промена на досегашниот формат во полза на европскиот првак. Борбата за светската круна ќе почне задутре кога ќе се сретнат шампионите на Азија и Австралија - Ал Аин и Оукленд Сити. Победникот од тој дуел на 29 октомври во Каиро ќе игра со египетскиот Ал Ахли, најдобриот тим во Африка, а на 11 декември мексиканската Пачука ќе игра против победникот од Копа Либертадорес кој е во тек.

Завршницата ќе се случи во Доха (Катар), каде што победниците од овие два дуели најпрво ќе играат помеѓу себе на 14 декември, а победникот од оваа пресметка четири дена подоцна ќе се бори против Реал Мадрид за пехарот.