Легендарниот Платини предлага историска промена во фудбалската игра!

Легендарниот француски фудбалер, Мишел Платини, изнесе историски предлог за намалување на бројот играчи во тимовите, кои наместо сегашните 11 би настапувале со десетмина на теренот.

Поранешниот претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА) оцени дека натпреварите би биле поатрактивни за гледачите доколку во тимот има само десет играчи и дека тоа би создало повеќе простор за игра.

„Можеби треба да повлечеме еден играч и да имаме тим со десет луѓе. Имаме екипи со 11 фудбалери од 1900 година, но тогаш имаше помалку трчање. Играчите не беа толку големи и играа побавно“, изјави поранешниот капитен. на француската репрезентација.

Платини изрази разочараност со досегашниот развој на фудбалот.

„Луѓето од мојата генерација повеќе не гледаат фудбал зашто не се наоѓаат во сегашната игра. Денес има повеќе додавања назад отколку напред, а во посед на топката има многу додавања. Не критикувам. Но луѓе од мојата генерација кои доживеале поофанзивен фудбал, веќе не се наоѓаат во овој начин на игра“, додаде славниот Платини.