Ренова го реши Силекс за едно полувреме

Екипата на Ренова оствари важна победа од 2-1 против директниот ривал во борбата за опстанок во македонската Прва лига, откако го реши Силекс за едно полувреме.

Ренова го постигна првиот гол во мрежата на гостите од Кратово преку Шефит Шефити во 12. минута од натпреварот, кога доби една одлична топка на работ на казнениот простор и ја испрати во мрежата на Божиновски. Во 38. минута на 2-0 зголеми Фатјон Јусуфи, кој шутираше одлично од 20 метри и го матираше голманот на гостите.

Силекс се обиде во второто полувреме да се врати во игра, а постигна гол за 1-2 во 90. минута, што внесе мала неизвесност на теренот. Сепак, немаше доволно време за тимот од Кратово да извлече барем бод од натпреварот.

Ренова со оваа победа избега од зоната за испаѓање од Првата лига и сега има 31 бод на осмата позиција, колку што има и Академија Пандев на деветтата позиција. На 10. место е Силекс со 29 бодови, по што следи Вардар со 28 и Беласица со 17.