Првата лига повторно на ТВ и тоа на – Арена Спорт и МТВ!

Македонската фудбалска Прва лига повторно се враќа на малите екрани, откако веќе две години преносите од фудбалските возбудувања во домашниот шампионат, љубителите на фудбалот можеа да ги гледаат само на интернет-платформата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Куќата на фудбалот денеска официјално објави дека ги продала ТВ-правата за Првата лига на регионалната телевизија Арена Спорт и Македонската телевизија (МТВ).

ФФМ со Арена Спорт потпишале двегодишен договор, според многу најави вреден по 150.000 евра од сезона, а парите од овие ТВ-права сега ќе бидат искористени за да се намалат трошоците за котизација, кои клубовите ги плаќаа досега, па практично целата сума би требала сега да биде покриена, а со тоа клубовите одлободени од таков трошок. Ова е првпат во историјата мечеви од домашниот шампионат да се пренесуваат на регионален спортски канал.

ФФМ објави дека првиот човек Муамед Сејдини минатата недела имал состаноци со Арена Спорт и на крајот било договорено регионалната телевизија да дава по два преноси од секое коло, во сабота и во недела, ќе ги има ексклузивните права од Купот на Македонија и ќе има ексклузивно право за мечевите секаде каде што се емитува оваа спортска телевизија.

Во проектот со ТВ-правата за Првата лига влегува и националниот сервис, кој ќе емитува два меча од колото, во саботите и во неделите и ќе ја покрива територијата на Македонија со преноси и коментар на македонски јазик.

„По успешните преговори, задоволство е да објавиме дека постигнавме договор околу телевизиските права за натпреварите од Првата лига. Добивме понуда и правата ги отстапуваме на Арена Спорт. Со ова праќаме широка порака. Ова е порака дека фудбалот го враќаме на телевизија низ директни преноси, свесни за важноста на нашата соработка со Арена Спорт како водечки регионален спортски канал и МТВ како национален сервис. Од друга страна, ова е голема можност и за клубовите, не само поради тоа што сега се ослободени од плаќање котизација за настап во домашниот шампионат, туку многу повеќе, заради вниманието кое ќе го добијат и можноста за своја промоција во секоја смисла. Со емитувањето на регионален канал се зголемува и одговорноста кај нив, но и кај судиите и сите други чинители. Наша задача е да го чуваме имиџот и вредностите на нашиот фубал и да работиме да биде уште поуспешен и попопулареен. ФФМ останува сервис на клубовите за подобрување на имиџот и што е можно подобра презентација на домашната лига. Само заеднички можеме да му покажеме на регионот дека и во нашата држава има силни екипи, добри фудбалери и квалитетен фудбал“, рече претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.