Прошетката на Победа низ Македонија продолжува – дербито со Силекс ќе го играат во Турново!

Прилепска Победа, која завчера шокантно го победи Работнички во Скопје и се врати во трката за опстанокот задутре ќе го игра своето „дерби на сезоната“ против Силекс во трката за останување во Првата лига и како домаќини ќе ги дочекаат кратовци на југоистокот од Македонија.

После Кичево, Охрид и Кочани, Победа која мака мачи секое коло за да најде слободен стадион за да може да биде домаќин, сега ќе игра на теренот на стадионот „Кукуш“ во Турново и таму ќе го пречека Силекс во еден од најинтересните мечеви сезонава. Ова е шести терен сезонава каде Победа е домаќин, откако сезоната ја почна на битолски „Тумбе Кафе“, а беше домаќин и на „Младост“ во Струмица.

На Победа ѝ е неопходна победата против кратовци за уште повеќе да се вратат во трката за опстанокот, сооглед дека се на осум бода негатива, но имаат и меч помалку. Ако победат, разликата ќе биде пет бода и в среда ќе имаат шанса да му се доближат на Силекс на само два ако успеат да ја победат и Академија Пандев.

Кратовци денеска најавија и можен бојкот после случувањата во последните пет дена и циркузите што се случија во изминативе две кола со триумфите на Беласица. Мечот треба да го суди Марјан Младеновски од Скопје со помошниците Дејан Неделкоски и Гоце Петрески.

Во претстојното 31. коло Шкендија е домаќин на Шкупи во пресметката на лидерот со четвртиот тим моментно, а мечот е доделен на Дејан Јакимовски. Вардар ја дочекува Беласица, која врза две победи во серија со Академија Пандев и Шкендија и во Маџари на центарот ќе биде Јосип Бартон, додека во Ѓорче Петров, Македонија ЃП ќе ја дочека Ренова, а главен арбитар е Крумислав Ѓорѓиев.

Во последниот меч од ова коло Академија Пандев на „Младост“ е домаќин на Работнички, а пресметката со пет судии е доделена на Зоранчо Темелков.