Преведувач од Албанија глумеше претставник на УЕФА на собранието на ФФМ!? (ВИДЕО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го одржа вонредното Собрание на кое со 88 гласа за ги усвои статутарните промени, според кои треба да се „отвори“ трката за нов претседател на најмоќната спортска организација во земјава, но сето тоа изненадувачки мина без висок претставник на УЕФА од Извршниот комитет, како и без претставник од Агенцијата за млади и спорт.

Иако беше најавено доаѓање на хрватската легенда Давор Шукер, претседател на хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) и член на Извршниот комитет на УЕФА, Хрватот не дојде во хотелот „Горица“ во Охрид со образложение дека му избегал авионот, па на негово место се појави тоталниот анонимус Денис Баштари од Албанија.

За Баштари нема многу информации, освен дека во последните шест месеци бил „проект менаџер“ за хет-трик програмата на УЕФА, а претходно бил административец во албанската федерација, кој најчесто се појавувал како преведувач на бившиот селектор на западните соседи, Џани Ди Бјази.

Баштари е тотален анонимус кој ја претставуваше УЕФА на Собранието на ФФМ, на кое дури и одржа говор дека очекува состојбите во македонскиот фудбал по заминувањето на Илчо Ѓорѓиоски да се нормализираат.

Сепак, останува нејасна причината за недоаѓањето на Шукер и фактот дека на секое Собрание на ФФМ досега имало високи претставници од Извршниот комитет на УЕФА.

Во минатото на собранијата на ФФМ доаѓале луѓе како Кипарецот Лефкаридис, Словенецот Руди Заврл (и двајцата членови на ИК на УЕФА), доаѓаше и Зоран Лаковиќ, кој беше директор во УЕФА за национални асоцијации, а во времето кога беше борбата да се симне Харалампие Хаџиристески од тронот, во Скопје дојде и Украинецот Суркис, потпретседател на ФИФА. Но, никогаш досега тотален анонимус не бил важниот човек од европската централа, како што беше денешниов случај...