Поразителен факт: Англиската четврта лига четири пати погледана од македонската елита

Ќеифот за домашен фудбал во Македонија одамна се загуби, па на прволигашките терени гледачите речиси и да ги нема, со исклучок по некое дерби, па во просек на пет меча во коло едвај илјада гледачи севкупно ги гледаат „возбудувањата“ во Првата лига.

За разлика од европските земји, точна бројка на гледачи со платен билет нема, па проценките се од око, но соглед на препразните трибини, јасно е дека на мечевите бројката е очајна, па само некое дерби собира нешто повеќе над илјада до две илјади гледачи, што е премалку во било која споредба со регионот, а уште помалку со европа.

И ако Македонија трча за да се пласира на Евро 2020, пред година ипол имаше и клуб во Лига Европа, фудбалот ич не е привлечен за домашната јавност. Како за споредба, англиската четврта лига во просек има преку 4.000 гледачи по меч, а германската трета лига дури – шест илјади. За елитните шампионати не треба ни да се говори, зашто стадионите во најголем дел се исполнети до поледно место, а бројките во просек по меч за Македонија се научна фантастика. Дури и еден меч на Борусија Дортмунд дома е како цела полусезона на македонските фудбалски терени.

Повеќе од јасно е дека катастрофалната инфраструктура и пред се лошиот квалитет на фудбалот во Првата лига се повеќе ги бркаат и тие малубројни навивачи што доаѓаат на прволигашките терени за да изгледаат час и половина домашен фудбал.