Работнички и Шкендија ремизираа 1-1 на првиот натпревар од осминафиналето во рамки на Купот на Македонија на стадионот „Ѓорче Петров“ во Скопје. 

Иницијативата и доминацијата од првото полувреме Шкендија ја валоризираше во 38-та минута и тоа од пенал. Момчило Рашо направи прекршок во шеснаесетникот на Работнички па судијата Марјан Маркоски оправдано покажа на белата точка, а Бесарт Ибраими беше прецизен за водство од 0-1. Претходно Ферхан Хасани во првите десетина минути имаше две добри шанси, а закани упатија и Арменд Алими и Изаир Емини, но тетовци на полувремето заминаа само со минамална предност.

Во второто полувреме Работнички покажа ново лице и се разигра најмногу благодарение на искусниот Остоја Стјепановиќ, кој откако ги презеди „конците“ во свои раце и тимот почна да игра подобро. Повремениот репрезентативец во 55-та минута шутираше прекрасно од слободен удар од 25 метри, но за среќа на Дино Захов топката заврши во стативата.

Стјепановиќ беше асистент на израмнувачкиот погодок, што го постигна Филип Дурански со глава во 73-тата минута. Само две минути подоцна „романтичарите“ можеа до целосен пресврт, но новото засилување од Нигерија Џофри Чарлс Чинеду иако изби сам кон голот на Шкендија наместо да реализира, се одлучи за дриблинг, а тоа беше лесен плен за Захов.

До крајот Шкендија имаше иницијатива, но Работнички беше опасен на контранапади, па на крајот реални 1-1 пред раваншот во Тетово следниот месец на 18 октомври.