
Башкими му нуди „појас за спасување“ на давеникот Шкупи!
Во првото коло Шкупи гостуваше на Шкендија и за второто мораше да бара алтернатива и според последните информации помошта пристигнала од новиот прволигаш Башкими. Имено, кумановскиот состав викендов игра на гости кај Работнички, па така стадионот во Куманово е слободен и тој ќе биде ставен на располагање на чаирскиот состав кој ќе го пречека Силекс.
Но, далеку од тоа дека ситуацијата во Шкупи е решена со овој потег на Башкими, чаирчани имаат сериозни проблеми со ростерот и пријавувањето на професионални фудбалери. Против Шкендија во поразот од 5-1 имаа само четири резерви и два од нив беа голмани.
Секако, без разлика на тоа треба да се поздрави потегот на Башкими да се помогне на ривалот во тешки моменти. Натпреварот помеѓу Шкупи и Силекс се игра в недела во терминот од 17:00 часот.