ПМФЛ: Дербито е во Маџари, Тиквеш во Битола сака бодови за опстанок!

По вчерашниот натпревар помеѓу Вардар и Беса кој заврши со победа на „црвено-црните“ од 3-1 денеска се играат уште четири натпревари.

Во битката за врвот на табелата Шкендија ќе биде домаќин на Шкупи во натпревар кој ќе се игра пред празни трибини. И во таква ситуација со оглед на формата со која игра Шкупи сезонава во првенството, Шкендија ќе влезе како голем фаворит во натпреварот.

Силекс кој има 58 бода на втората позиција и заостанува четири зад Шкендија ќе има потешка задача бидејќи во Кратово гостува актуелниот шампион Струга.

Гостивар кој амбицизно најавуваше борба за титулата сега се бори само за излез во Европа и денеска ги очекува директен дуел со Работнички кој е трет со 52 бода, гостиварци имаат 48 едно место подолу. Натпреварот се игра на стадионот „Борис Трајковски во Маџари“.

Во долниот дел од табелата денес ќе се води важна битка за бодови потребни за опстанок, Тиквеш гостува кај Пелистер и ќе е обиде да излезе од опасната зона. Тиквеш со 26 бода е 10-ти, додека Пелистер на осмата позиција има 29 бода, Брера е помеѓу нив со 27.

Сите натпревари се играат во терминот од 16:00 часот.

Брера својот натпревар од ова коло требаше да го игра утре против Воска, но како што е познато охридскиот клуб се повлече од Првата лига.