Пандевци на испит во Велес, „лавовите“ повеќе од деценија чекаат на победа со Шкендија

После вчерашната победа на Вардар во соседското дерби со Работнички, најтрофејниот македонски клуб ќе навива денеска двата „главни ривали“ есенва Академија Пандев и Шкендија да се сопнат на своите денешни гостувања (13.30 часот) во Велес односно Ѓорче Петров во 12-то коло во Првата лига.

Вардар се осами на врвот, а Академија Пандев како прв ривал во трката за есенската титула денеска оди на мегдан кај Борец во Велес, кој сите 11 бода досега во сезонава ги освои дома и практично нема пораз откако влезе во македонската елита пред своите гледачи. Во Велес падна Шкендија, падна и Шкупи, Вардар и Работнички освоија само по бод, па Академија Пандев сега е на „тест“ сооглед дека струмичани водат мртва трка со вардарци за презимување на врвот на таблата.

Тетовска Шкендија, актуелниот македонски првак, после победата против Силекс се врати на победничкиот колосек, но дали тетовци излегуваат од кризата ќе погаже денешното тешко гостување кај незгодната Македонија ЃП во второто дерби во ова коло. Делува малку чудно, ама сезонава Ѓорче Петров не е така неосвоива тврдина, зашто „лавовите“ се најслаб тим досега на домашните мечеви со само шест освоени бода од вкупно 16-те со кои заедно со Шкупи го делат третото место на табелата.

Но, нема сомнение дека кај фудбалерите на Александар Таневски мотивацијата ќе биде на највисоко ниво, како и пред една недела, кога против Вардар се изборија за бод на истиот терен. Шкендија до пред две ипол години лесно минуваше во Ѓорче, ама на последните две гостувања не успева да победи во тврди дуели кои завршија со реми (еднаш без голови, последната 1-1). А, „лавовите“ на триумф против тетовскиот гигант на свој терен чекаат на победа повеќе од една деценија – уште од 26 април 2008 година.

Во другите два денешни мечеви, Ренова ќе бара излез од кризата против Шкупи на Ќатип Османи, кој се врака во градот во кој донесе три титули како кормилар на Шкендија, па сега трофејниот тренер со чаирчани ќе се обиде да стигне до нова победа со која уште повеќе би се приближил во самиот врв на прволигашката табела. Во Кратово, Силекс ја пречекува Струга, дуел на две екипи кои се „домашни тимови“ и бодовите ги освоија најмногу пред свои гледачи, па кратовци посакуваат со нов триумф да влезат во мирните води во прволигашката елита.

ПРВА ЛИГА, 12. КОЛО (13.30 ЧАСОТ)

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Шкендија

ТЕТОВО: Ренова – Шкупи

ВЕЛЕС: Борец – Академија Пандев

КРАТОВО: Силекс – Струга Трим Лум

ВЧЕРА

Работнички – Вардар 0-2 (0-0)

Аврамовски 76, 90+3

ТАБЕЛА: Вардар 27 (+1), Академија Пандев 24, Македонија ЃП 16, Шкупи 16, Шкендија 14, Струга ТЛ 14, Ренова 13, Силекс 12, Борец 11, Работнички 10 (+1).