Пандевци го заверија опстанокот и ги испратија Силекс и Ренова во баражот (ВИДЕО)

Академија Пандев обезбеди сигурен опстанок за следната сезона во Првата лига и ги испрати Силекс и Ренова во баражот за опстанок, откако струмичани попладнево не ја испуштија шансата со победа против Борец да ја остварат зацртаната цел, па триумфираа со 3-1.

Струмичкиот тим сѐ имаше во свои раце, а против велешани кои од минатото коло имаат сигурен опстанок и играа само за престиж, уште по 25 минути најавија дека нема да ја испуштат шансата, а со два гола на Дејан Миловановиќ од трите на мечот, стигнаа до тоа што го посакуваа, за бившите прваци Силекс и Ренова да останат во зоната за доигрување и да треба да се помачат уште преку еден меч за да останат во елитата.

Поранешниот вардарец и екс-фудбалер на Вележ, Коста Манев го најави триумфот уште по 13 минути, следеше гол на Дејан Миловановиќ на асистенција на Марко Мартинага во 25-та, а иако Борец преку Лука Трајковски три минути пред полувремето се врати во мечот, Миловановиќ на стартот на вториот дел, четири минути по продолжението, погоди и вторпат на мечот за практично да ја завери победата.

Со овој триумф Академија Пандев ја оствари главната цел за да опстане, зашто пролетва тргна од претпоследното место на табелата, па сега струмичани може да се концентрираат на втората цел, а тоа е пехарот во Купот и излез во Европа, зашто во среда ги чека пресметка со Силекс во финалниот меч на Националната Арена (19 часот).

Силекс и Ренова ќе се соочат со Охрид или Тиквеш во баражите, а двојките допрва ќе бидат познати, па победниците од овие мечеви ќе решаваат кој ќе игра во Првата лига во следната сезона, во која нови членови се Брегалница и Скопје, како најдобри во второлигашката конкуренција на Истокот односно Западот, додека испаднаа Беласица и најтрофејниот македонски клуб Вардар.

Силекс денеска загуби од Струга со 0-1, кога веќе беше јасно дека Академија Пандев нема да ја пропушти шансата со победа да обезбеди сигурен опстанок, додека Ренова ремизираше 1-1 со Работнички во оваа трка за опстанокот.