„Останавме мала војска без пушки, а се бориме против тешка артилерија!“

Денешниот пораз на Вардар на гостувањето кај соседот Работнички (1-3), кој значи речиси и дефинитивен крај на надежите за опстанок во Првата лига, ептен болно беше прифатен не само од армијата црвено-црни навивачи, туку и кај сите во клубот, кои и покрај сите проблеми и непријатности останаа да се борат до „последната капка крв“.

Поради тоа тешко е да се слушне нивниот последен крик до јавноста, пренесувајќи ја разочараноста од ситуацијата, но и од тие кои допринесоа фудбалската гордост да дојде на вакво дереџе – да е со едната нога во Втората лига.

„Боли до коска, пече како рана, стои како кнедла во грли, солзи навираат... Вардаре колку само болиш. Останавме мала војска без пушки да се бориме против тешка артилерија, свесни дека ќе изгинеме и дека многу ќе настрадаме, но без да се предадеме“, напиша вечерва Златко Таневски, еден од помошниците на тренерот Никола Илиевски-Џиџи.

Вардар на две кола до крајот на сезоната е на претпоследното место на табелата, кое води директно во понизок ранг и тоа со 31 бод, четири помалку од Академија Пандев и Ренова, кои се на позициите кои обезбедуваат бараж за опстанок.