Осогово си најде партнер во Бекс – навивачите со ладно пиво ќе уживаат во фудбалот во Кочани

Македонскиот второлигаш Осогово е вистинско освежување за македонскиот фудбал и тоа во делот, како се води еден фудбалски клуб. Кочанци, кој имаат сериозни амбиции, пред некое време отворија „фандрајзинг кампања“ за да соберат финансиски средства за да го издигнат клубот на уште поголемо ниво, а сега на своите навивачи ќе им озвозможат час ипол уживање на стадионот, зашто потпишаа партнерски договор за продажба на пиво.

 

Осогово потпиша договор со главниот увозник на низа брендови на пиво „Евина“ и на мечевите на кочанчани ќе се точи Бекс, а навивачите по прифатливи цени ќе може да се освежат. Но, тоа што е најдобро за Осогово во целата работа и партнерскиот договор е што дел од приходот за продаденото пиво ќе оди во клупската каса.

„Среќни сме да објавиме дека домашните и локални компании ја препознаваат добрата и посветена работа во нашиот клуб и со истите расте и интересот за заедничка соработка. Главниот увозник на неколку премиум брендови за пиво за Република Македонија “ЕВИНА“ со брендот BECKS од денес е главен партнер за пиво на фудбалскиот клуб Осогово. На обострано задоволство на нас и нашата публика пивото BECKS како и уште неколку видови на пива и безалкохолни пијалоци ќе може да ве освежуваат на трибините за време на натпреварите на нашиот клуб, и истите да бидат достапни по прифатливи цени за публиката! Од ова партнерство вреди да се напомене дека со секое продадено пиво BECKS дел ќе биде предвиден за поддршка на нашиот клуб. Фудбалот не оди без пиво па затоа ви овозможуваме по подолго време целосно уживање за време на фудбалските натпревари на нашиот стадион 'Никола Мантов'“, објавија кочанци.

Фудбал не оди без пиво, а речиси на секој европски стадион, навивачите имаат можност да уживаат во најпосакуваната течност, но и во други безалкохолни пијалоци за време на мечевите. Очигледно е дека во Осогово размислуваат европски, па сите потези во последниот период го креваат клубот на едно многу повисоко ниво од македонската просечност, од активност и интеракција со навивачите на социјалните мрежи, па се до конкретни мерки.

Ако се мери според амбициозноста и работата, Осогово можеби е фудбалски второлигаш, ама со работата и потезите во последно време повеќе личи на – прволигаш!