Османи: Заслужено победивме, но овој триумф засега не значи ништо!

Актуелниот македонски првак Шкендија го победи Вардар во Маџари на второто сезонско дерби со 2-0 и се врати во трката за титулата за да ја намали предноста на четири бода во однос на скопјани, по кризниот период со три меча без победа пред репрезентативната пауза.

Шкендија победи со фантомскиот гол на Изаир Емини и го погодокот на Бесарт Ибраими во завршницата, а тренерот Ќатип Османи посочи дека тетовци заслужиле триумф, кој засега не значи ништо, поради тоа што првенството не стигна ниту до првата третина од сезонава.

„Задоволни сме од победата во овој дерби натпревар и сите заслуги одат на адреса на играчите. Искрено, паузата од две недели во шампионатот беше добредојдена, се одморивме, ја искористивме за да се консолидираме и знаевме што не очекува против Вардар. Пресудно беше што игравме концентрирано и држевме темпо 90 минути без да ни паѓа ритамот. Дадовме два гола, испуштивме уште неколку добри шанси, па мислам дека на крајот сосема заслужено ги освоивме трите бода. Но, мора да останеме фокусирани, затоа што оваа победа не значи ништо засега во првенството. Затоа мора да играме концентрирано на другите мечеви. Овој триумф треба да го искористиме на подигање на самдовербата и атмосферата во следните натпревари“, рече Османи.