
ОФС Охрид суспендиран од ФФМ поради низа измами
Ваквата одлука е донесена по темелна постапка и претходни сознанија од Одделот за интегритет, а во врска со нарушување на интегритетот во целост од страна на овластени службени лица од ОФС Охрид. Причини за ова има повеќе:
- Изготвување и употреба на фиктивни записници од натпревари (фалсификување на записници за натпревари кои не се одиграни, а се заведени како одиграни со конкретни резултати);
- Увидот во КОМЕТ системот на ФФМ покажа дека дури и лице починато пред повеќе години е заведено како учесник во овие фиктивни записници од натпреварите;
- Судии имаат писмени изјави дека истите биле внесувани во записници без нивно знаење и согласност, односно воопшто не суделе на натпреварите, а некои од нив не се ниту судии, а се заведени на тие натпревари како да суделе;
- Комплетната „Б“ општинска лига во рамки на ОФС Охрид не постои, односно е измислена...
Со ваквите дејствија, како што наведува ФФМ, е нарушен интегритетот на натпреварувањето и довербата во работењето на сојузот. ФФМ најави дисциплинска пријава против претседателот и секретарот на ОФС Охрид до соодветната дисциплинска комисија, со предлог за преземање дополнителни мерки, согласно Дисциплинскиот правилник и Статутот на ФФМ.
Останатите одлуки од денешната седница на Управниот одбор на ФФМ можете да ги прочитате на следниот ЛИНК.