Додека популарната „бубамара“ мирува поради светската пандемија со коронавирусот, луѓето кои стопанисуваат со Арената „Тодор Проески“ го користат периодот без натпревари за подобрување на условите за фудбалерите со реконструкција на тревната површина.

Овој потег е од исклучителна важност со оглед што овој стадион е единствен во нашата држава што ги исполнува исполнува условите за меѓународни средби, а особено во пресрет на историскиот дуел против Косово во полуфиналето од плејофот во Лигата на нации. Овој дуел најверојатно, ќе се одигра во септември, а е претпоследно скалило за нашите фудбалери кон пласман на ЕП 2020, кое поради коронавирусот ќе се одржи во 2021 година.

„Во рамки на генералното реконструирање извадени се чепови за подобра дренажа на теренот, извршено е површно гребење за отстранување на коровот на тревата, пресеан е комплетниот терен со високо квалитетни семиња кои ќе обезбедат тревна подлога по сите светски стандарди, а површината е порамнета и со екстра фин песок и тресет за квалитетна основна подлога .Оваа комплетна реконструкција ќе донесе долгорочен позитивен ефект за формата,издржливоста и квалитетот на тревната површина, и ќе значи коплетна подготвеност на стадионот за претстојниот период кога треба да се одигра домашното фудбалско првенство, како и останатите меѓународните натпревари предвидени за периодот кој следува.Со ова, нашите спортисти ќе имаат беспрекорни услови за игра, како што впрочем им обезбедуваме со години наназад“, се вели во соопштението од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Македонија.